misija1Катедрата за Медиуми, дијалог и заемно разбирање има мисија да придонесе кон општествената кохезија и интеркултурната комуникација меѓу различните групи во Македонија. Катедрата промовира интегриран систем на образовни активности, истражувања, обуки, информирање и издавачка дејност во областа на медиумите, новинарството и комуникациите со силен нагласок на меѓу – културниот дијалог и известувањето за различностите. Таа ја развива соработката на меѓународно истакнати истражувачи и професори од Високата школа за новинарство и односи со јавноста со други институции од земјава и од странство.  Постојаната анализа на медиумската практика овозможува попрецизна дијагноза и отвора можност за решавање на проблемите кои се однесуваат интеркултурната комуникација и кохезијата.

 

Катедрата работи на зајакнување на аспектите на интеркултурната комуникација во рамки на постдипломските студии по новинарство и комуникации на Високата школа за новинарство и односи со јавноста (ВШНОЈ).

Овие професии се клучен елемент во создавањето, стврднувањето и дисеминирањето на наративи важни за меѓуетничкото живеење.

Целта на овој образовен процес е студентите по новинарство и идните практичари во односите со јавноста да ги усвојат и да ги применуваат вредностите на инклузивното општество – општество кое ги интегрира различностите.

Цел на катедрата е да го продлабочи и да го разгранува специфичното знаење за интер - културните комуникации во Македонија.

Катедрата ја остварува преку иницирање и спроведување академски и применети истражувачки проекти поврзани со културната разновидност, медиумскиот плурализам и интеркултурната комуникација.

За оваа цел формиран е и Институт за комуникациски студии (ИКС) чија цел е да ја развива научно - истражувачката дејност во областа на новинарството, интеркултурната комуникација и сродни области.

Потребата за оваа мисија произлезе од недостатокот на истражувања во областа на медиумите и новинарството, што пак остави сериозна празнина и во академска смисла и во смисла на практично знаење за причините и решенијата на проблемите.

Пренесувањето на знаењето добиено преку истражувањата е важен дел од подобрувањето на теоријата и практиката.

Катедрата публикува учебници, прирачници и други едукативни материјали во двете студиски области со цел да ја унапреди теоријата и да се збогати знаењето и споделувањето на искуства меѓу новинарите, стручњаците во односите со јавноста, меѓународните и локалните експерти.

Организирани се голем број јавни дебати, работилници и обуки за известување за различности за новинари и за специјалисти за комуникации.

Подигањето на свеста за темите поврзани со културната разновидност, интеркултурната  комуникација, заемно разбирање и дијалог меѓу граѓаните и заедниците е една од мисиите на Катедрата.

За таа цел Катедрата развива и објавува медиумски производи кои ги отвораат прашањата пред пошироката јавност и нудат решенија за општествените проблеми.

Катедрата воведе и Веб платформа која служи како онлајн едукативен ресурс и јавен форум со цел да се подигне свеста за прашањата на културната разновидност, да се зајакне дијалогот меѓу припадниците на различните заедници, да се поттикне широк процес на едукација за човекови права и на граѓаните да им се помогне да партиципираат во градењето на практика на добро владеење.

Мисија на Катедрата е и да воспостави трајна академска соработка развивајќи го протокот на идеи и насоки за нови истражувања.

Затоа таа воспоставува нови мрежи и партнерства меѓу високообразовните институции, истражувачките институти, невладините организации, медиумите, јавниот и приватниот сектор.

Катедрата има склучено договори за соработка со дваесетина високо -образовни и научно - истражувачки институции од странство.