logo mkd

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА

Мониторинг на медиумското известување за меѓуетничките и меѓурелигиските прашања

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста oд 16 јануари (понеделник),  започнува со мониторинг на медиумското известување за меѓуетничките и меѓурелигиските прашања. Основната цел на истражувањето е да се утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните и етичките стандарди што се однесуваат на говорот на омраза, нетолеранцијата или дискриминацијата по која било основа, но исто така, да се идентификуваат и позитивните примери кои водат кон кохезија, дијалог, почитување и соживот на различните етнички и верски заедници во македонското општество. Мониторингот се спроведува како дел на активностите на Катедрата на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање, која ќе работи при Високата школа во следните четири години.

Истражувањето ќе има за цел да ги идентификува најрелевантите теми од јавен интерес за сите групи и заедници, како и да ја поттикне и прошири јавната дебата за нив, вклучувајќи ги и мислењата на сите субјекти, групи и заедници чии мислења и ставови се помалку претставени во медиумите. Резултатите од мониторингот ќе бидат презентирани на Веб платформата www.respublic.vs.edu.mk,со цел да се поттикне онлајн дебата меѓу новинари, уредници, експерти, граѓани и други субјекти. Покрај тоа, заклучоците ќе бидат дистрибуирани и до традиционалните медиуми, со цел за овие теми да се информира и пошироката јавност и граѓаните кои не користат интернет.

Предмет на анализа ќе бидат текстовите и прилозите во кои се известува за најрелевантни настани поврзани со меѓуетничките и меѓурелигиските односи во земјава. Истражувачкиот тим ќе набљудува околу 20 ТВ, радио, печатени и онлајн информативни медиуми.    

Проектот се реализира со поддршка на Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, во рамките на заедничката програма на Обединетите нации „Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка помеѓу заедниците".

Лице за контакт:

м-р Снежана Трпевска,
Раководител на Катедрата на Унеско
Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите., 02 / 30 90 004                                                                                                                                                        Скопје, 13.01.2012 година