Вклучувањето на граѓанскиот сектор во заедничко креирање на содржините на веб-платформата „Res Public“ на Високата школа за новинарството и односи со јавноста ќе биде тема на средбата што на 2 февруари (четврток) ќе се одржи во просториите на Школата.

Веб-платформата „Вклучи се во јавната дебата“, развиена со поддршка од УНЕСКО, има за цел да поттикне широка дебата за вредностите и придобивките од културната разновидност и интеркултурната комуникација како уникатна карактеристика на македонско општество.

Преку платформата “Res Public” ќе им се овозможи на граѓаните да ги откриваат заедничките проблеми и да формираат групи на истомисленици за заедничките теми што ги засегаат. Покрај тоа, “Res Public” треба да помогне да се подобрат и професионалните стандарди во медиумското известување за различностите и во промовирањето на човековите права.

Проектот се реализира со техничка поддршка на Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, а во рамките на Заедничката програма на Обединетите нации “Подобрување на меѓуетничкиот дијалог и соработка помеѓу заедниците“. Програмата се спроведува од УНДП, УНИЦЕФ и УНЕСКО, со финансиска поддршка од Владата на Шпанија преку Фондот за остварување на милениумските развојни цели (МДГ-Ф).