Во соработка со УНЕСКО, при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста е основана Катедра за Медиуми, дијалог и заемно разбирање. Катедрата ќе придонесе кон зајакнување на заемното разбирање и интеркултурната комуникација преку промовирање образовни активности, истражувања и издавачка дејност во областа на медиумите, новинарството и комуникациите.

 

Во рамките на Катедрата, Високата школа почна да развива специјалистички студиски програми за Менаџмент на медиуми и мултимедија и Менаџмент на стратегиски комуникации, во кои се вградени содржини поврзани со различностите и интеркултурната комуникација.

Креирана е нова веб платформа www.unescochair-vs.edu.mk, која ќе служи како онлајн едукативен ресурс и јавен форум за да се подигне свеста за прашањата на културната разновидност, да се зајакне дијалогот меѓу припадниците на различните заедници и да се поттикне широк процес на едукација за човекови права.За таа цел, Високата школа го издаде учебникот „Медиумите, граѓаните и интеркултурната комуникација“ и Прирачникот за известување за различности, спроведе истражување за состојбата во известувањето за различностите во македонските медиуми и организираше новинарска работилница за известување за различности.

Сите активности треба да помогнат да се збогати знаењето и да се споделат искуствата меѓу новинарите, стручњаците во односите со јавноста, меѓународните и локалните експерти за теми поврзани со културната разновидност, интеркултурната  комуникација и заемното разбирање и дијалогот меѓу граѓаните и заедниците.

Активностите на Катедрата ќе траат наредните четири години со можност за продолжување.