Квантитативна анализа на содржините објавени на медиумите во периодот: 16 јануари - 12 февруари 2012 година

Анализата укажа на тоа дека темите од меѓуетнички и меѓурелигиски карактер беа на врвот на известувањето на сите медиуми, на првите страници во весниците или како теми на денот во радио и телевизиските станици. Лоцирани се неколку отстапувања од новинарските принципи и стандарди од аспект на користењето на изворите, а често се практикувало и наведување нејасни и непрецизни извори или отсуство на каков било извор на информацијата. Посебно загрижува едностраното известување за овие чувствителни теми, а со тоа се доведува во прашање веродостојноста на известувањето и довербата на публиката, особено кога се работи за вакви прашања.

Квалитативна анализа: „Медиумскиот дискурс во известувањето за струшките настани и последиците од Вевчанскиот карневал“

Во известувањето на медиумите за Карневалот во Вевчани и за настаните што следуваа по него беа забележани примери на силен етноцентризам, негативна стереотипизација, како и симптоми на ксенофобија и нетолерантност кон религијата на другите културни групи. Покрај тоа, медиумите за овие настани генерално известуваа низ етно-специфична позиција, односно низ призмата на сопствената етничка група. Лоцирани се и отстапувања од новинарските принципи и стандарди, а најсериозното нарушување е компромитирањето на основните стандарди за непристрасно, точно и балансирано известување.

Квалитативна анализа: „Медиумскиот дискурс во известувањето за Европското првенство во ракомет“

Анализата се фокусира на начинот на кој медиумите во Македонија, преку спортското известување, можат да ги создаваат, репродуцираат или засилуваат дискурсите што водат кон етноцентристички, стереотипизирачки, ксенофобичен или дискриминаторски ефект кон колективниот ‘Друг’ во земјата. Во анализата е применета критичката дискурзивна анализа која  е квалитативен и интердисциплинарен приод во истражувањето на медиумските текстови што става нагласок на нивната функција и значење во конкретниот општествен и политички контекст.

Корпоративен преглед на меѓународни инцијативи за борба против дискриминација и за унапредување на улогата на медиумите во културната разновидност

Целта на оваа анализа е да послужи како појдовна основа за воспоставување соодветен механизам за следење, истражување и реагирање на известувањето на медиумите во Република Македонија за прашањата на различностите. Заради тоа, во неа се дава преглед на најрелевантните меѓународни иницијативи и добри практики насочени кон промовирање на културната разновидност во медиумите и кон подобрување на квалитетот на медиумското известување за  различностите, а на крајот се извлечени заклучоци и препораки за формирање на соодветен механизам за следење и реагирање на медиумското известување во Република Македонија.

Известување за различностите во Македонија
Основните цели на истражувањето се:   

  • да се направи увид во досегашните истражувања и публикувани текстови за медиумското известување за различните општествени групи и култури кои живеат во Република Македонија;
  • да се согледаат информираноста, перцепциите, ставовите, практиките и искуствата на дел од медиумите во поглед на известувањето за различностите;
  • да се утврди како медиумите известуваа за два понови настани кои имаа нагласена меѓуетничка/меѓурелигиска/меѓукултурна димензија; и
  • да се сумираат конкретните иницијативи кои претставуваа (или претставуваат) обид на позитивен начин да се промовира културната разновидност во медиумите.

Важно е да се нагласи дека ова истражување немаше за цел да ги идентификува медиумите кои најчесто негативно известуваат за различните етнички групи и врз таа основа да ги ’обележи’ како етички непрофесионални и неодговорни медиуми. Напротив, целта е да се откријат, разберат и да се поттикнат внатрешните механизми во редакциите кои можат да помогнат да се репродуцира културната разновидност и говорот на толеранција во и преку медиумските содржини, посочувајќи на најпозитивните практики, примери и искуства.

Публикации

Прирачник: Обука на новинари за теми поврзани со дискриминација и различности

Овој Прирачник, кој го издаде Советот на Европа,како дел од својата кампања за борба со дискриминацијата, содржи практични вежби од различни институции за обука на новинари, кои се лесно приспособливи во однос на контекстот и времетраењето. Водечкиот принцип беше да се креира корисен и применлив ресурс за едукаторите во сферата на новинарството, кои сакаат во својата настава да ја опфатат димензијата на борба со дискриминацијата или различностите.

Во подготовката на Прирачникот учествуваше и Марина Тунева, предавач на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, која беше вклучена во работната група на Советот на Европа што го креираше овој едукативен ресурс.

Бела книга за меѓукултурниот дијалог „Живееме заедно еднакви во достоинството“

(донесена од страна на министрите за надворешни работи на Советот на Европа, 7 мај 2008 година)

Белата книга претставува одговор на растечката потреба за појаснување како може да помогне меѓукултурниот дијалог во ценењето на разновидноста, истовремено подржувајќи ја социјалната кохезија. Таа се обидува да обезбеди концепциска
рамка и упатство за креаторите на политиките и за практичарите.

Референтни текстови

Препорака (97)21E за медиумите и промоција на култура на толеранција

Препорака CM/Rec(2007)2 на Комитетот на министри на земјите-членки за медиумски плурализам и различности во медиумските содржини

Препорака (97)19E за претставувањето на насилството во електронските медиуми

Препорака 1789 (2007) за професионално образование и обука на новинари

Препорака 1783 (2007) во однос на заканите за животот и слободата на изразување на новинарите

Препорака 1773 (2006) за насоки во однос на користењето на јазиците на малцинствата во електронските медиуми

Препорака 1768 (2006) за имиџот на азилантите,мигрантите и бегалците во медиумите

Препорака 1589 (2003) за слобода на изразување во медиумите

Препорака 1506 (2001) за слобода на изразување и информации во медиумите низ Европа

Препорака 1543 (2001) за расизам и ксенофобија на Интернет

Препорака 1277 (1995) за мигрантите, етничките малцинства и медиумите

Препорака 1215 (1993) за етиката во новинарството 

Резолуција 1003 (1993) за етиката во новинарството

Cultural detective

Cultural Detective® претставува серија на алатки за развивање на интеркултурните способности. Со нив се подобруваат вештините на учесниците за работа со луѓе од над 200 држави и култури. Оваа алатка за обука е ефективна за градење интеркултурни тимови, програми за глобална соработка, како и предмет за изучување на универзитетите. Повеќе информации може да се најдат на веб-страницата на Cultural Detective® - http://www.culturaldetective.com/