„Образованието за новинари, професионалните вредности и културната разновидност“ е темата на конференцијата што Високата школа и Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција ја организираат во вторник во Скопје.

На конференцијата ќе се дискутира за компетенциите и вредностите во новинарската професија во Македонија и во европските земји, ќе се претстават клучните наоди од истражувањето на состојбата во новинарските редакции во Македонија во поглед на известувањето за различностите, како и ќе се презентираат резултатите од истражување за профилирање на компeтенциите на новинарите во Европа, реализирано од Европската асоцијација за новинарско образование (EJTA).

Во рамките на конференцијата ќе биде промовирана и Катедрата на УНЕСКО за „Медиуми, дијалог и заемно разбирање“ формирана при Високата школа.

На конференцијата ќе се обрати министерот за образование и наука Никола Тодоров, а во дискусијата ќе земат учество и професори од Холандија, Данска, Велика Британија и Македонија.